За време на работната посета на локалната полиција во Валенсија, Шпанија, беше претставен Интегрираниот центар за безбедност и управување со итни ситуации (CISE), кој преку единствен команден центар ги координира полицијата, пожарната, итната медицинска помош и комуналните служби.

Системот овозможува следење на сообраќајот, јавниот ред, градилиштата, потрошувачката на енергија, управувањето со отпад и други градски процеси. Според домаќините, по неговото воведување значително се намалиле прекршоците, а се подобрила и ефикасноста на јавните услуги.
Во рамки на посетата беше презентиран и европскиот проект LEAD-PRO, финансиран преку Horizon Europe, кој користи беспилотни летала и вештачка интелигенција за побрзо реагирање при итни ситуации и катастрофи.
Учесниците оценија дека ваквите интегрирани системи значително придонесуваат за поефикасно функционирање на градските служби и ја поздравија имплементацијата на сличен систем за мониторинг во Скопје, со очекување вакви решенија да се прошират и во другите општини во државата.
















