Промовирана книгата „Агро-Екотуризам“ – дигитализацијата и иновациите во фокусот на развојот на руралниот туризам

Post date:

Author:

Category:

Руралниот туризам, дигитализацијата и поврзувањето на науката со локалниот развој беа во фокусот на настанот организиран од Земјоделскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во соработка со ИМЕ и Амбасадата на Република Словенија, на кој беше промовирана книгата „Агро-Екотуризам“ и презентирани можностите за развој на автентичните рурални домаќинства.

На настанот присуствуваше и националниот координатор на европскиот проект CAAIVE – Agriculture 4.0 (Artificial Intelligence in Agriculture and Farming), кој истакна дека ваквите иницијативи претставуваат значаен чекор во поврзувањето на науката, иновациите, компаниите и локалниот развој.

Книгата „Агро-Екотуризам“ е авторско дело на д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ, д-р Лазо Димитров, д-р Биљана Дрвошанова, проф. д-р Виктор Ѓаковски, проф. д-р Душко Неделковски, проф. д-р Соња Србиновска и д-р Зоран Барбаровски. Во рамките на настанот беа одржани стручни презентации и предавања, како и работилница за рурален туризам наменета за деца, со цел поттикнување на интересот на младите за развојот на руралните средини.

Во рамките на настанот се одржа и дискусија со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, посветена на можностите што ги нуди европскиот проект CAAIVE, финансиран од Европската комисија со буџет од 4,55 милиони евра. Проектот во наредните четири години ќе се реализира во руралните средини, со фокус на дигитализацијата, примената на вештачката интелигенција во земјоделството и поддршката на локалниот развој.

Посетителите имаа можност да се запознаат со традиционални производи, иновативни решенија и автентични специјалитети од различни региони на државата, претставени од рурални домаќинства и локални производители. Според организаторите, ваквите иницијативи придонесуваат за промоција на домашните производи, зачувување на традицијата и создавање нови можности за одржлив економски развој преку руралниот туризам.

Настанот испрати порака дека руралните средини, поддржани со современи технологии, дигитализација и иновации, можат да станат важен двигател на локалниот економски развој и конкурентноста на македонското земјоделство и туризам.

4,963FansLike
3,960FollowersFollow
130SubscribersSubscribe

INSTAGRAM