Претставник на ЕМКИЦЕ КИЦ беше дел од меѓународното стручно жири на третото издание на „Dron Challenge 2026“, тридневен хакатон посветен на развој на иновативни решенија за беспилотни летала со цивилна примена, кој се одржа во Сисак, Република Хрватска.

Настанот, организиран од Центарот за вселенска и иновативна технологија „Stevce Arsoski“, со поддршка на Сисачко-мославачката жупанија и компаниите Lexsolar и Rimac, ги обедини младите иноватори, ученици, студенти, професионалци и експерти кои во текот на три дена работеа на практични и креативни решенија за примена на дронови во различни области од секојдневниот живот.

На натпреварот учествуваа 12 тимови распределени во три категории – средношколци, матуранти и студенти, како и вработени учесници. Во текот на хакатонот тимовите добиваа менторска поддршка од искусни консултанти, а своите проекти ги презентираа пред меѓународно стручно жири составено од експерти од повеќе земји.
Оваа година на жирито му се приклучи и Бернард Ивезиќ, основач на Unicorn Underground и AI-Native Academy, како и претседател на Хрватската вселенска индустриска асоцијација (HISPACE), што дополнително го зацврсти меѓународниот карактер и стручниот квалитет на натпреварот.

Учеството на претставникот на ЕМКИЦЕ КИЦ во оценувањето на проектите претставува признание за експертизата и активната улога на организацијата во промоцијата на иновациите, претприемништвото и современите технологии на регионално и европско ниво.
Особено внимание на настанот беше посветено на идниот развој на регионот, имајќи предвид дека Сисачко-мославачката жупанија сè повеќе се позиционира како центар за дигитализација, технолошки развој и иновации. Во таа насока беше претставена и визијата за проектот „Pantheon AI“, еден од најголемите планирани центри за податоци и вештачка интелигенција во Европа, кој има потенцијал значително да придонесе за економскиот и технолошкиот развој на регионот.
„Dron Challenge 2026“ уште еднаш ја потврди важноста на поврзувањето на образованието, науката, индустријата и младите таленти во создавањето иновативни решенија за иднината. Настанот претставува пример за успешна регионална соработка и платформа која ги охрабрува младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областите на дрон-технологиите, роботиката, вештачката интелигенција и дигиталната трансформација.

ЕМКИЦЕ КИЦ останува посветен партнер во иницијативите што придонесуваат за развој на иновацискиот екосистем, меѓународната соработка и поддршката на младите иноватори, потврдувајќи ја својата улога во градењето на современо општество засновано на знаење и технологии.
















