Европската комисија во Брисел официјално го одобри почетокот на проектот CAAIVE – Centers of Agricultural AI Vocational Excellence, четиригодишна европска иницијатива со вкупен буџет од 4,55 милиони евра, насочена кон развојот на вештачката интелигенција, прецизното земјоделство и дигиталните вештини во агросекторот.
Проектот има за цел да создаде центри за стручна извонредност во областа на земјоделството, преку поврзување на образовните институции, истражувачките центри, земјоделците, агро-бизнисите и иновациските екосистеми. Во неговиот фокус се две клучни области – примена на вештачката интелигенција во сточарството (AI in Animal Farming) и во растителното производство (AI in Plant Farming), како основа за развој на современо и одржливо паметно земјоделство.
CAAIVE претставува одговор на сè поголемите европски потреби за дигитална трансформација на земјоделството преку јакнење на дигиталните компетенции на земјоделците, зголемување на нивниот иновациски капацитет, поддршка на земјоделските задруги и кооперативи, како и унапредување на руралната економија преку примена на современи технологии.
Како партнер во проектот, EMKICE KIC ќе придонесе кон развојот на нови модели за стручно образование и обука (VET), промоција на вештачката интелигенција и прецизното земјоделство, како и поддршка на стартап компании, малите и средните претпријатија и локалните иновациски екосистеми. Проектот ќе овозможи развој на практични решенија, нови образовни програми, трансфер на знаење и зајакнување на соработката меѓу науката, образованието и стопанството.
Во текот на следните четири години, меѓународниот конзорциум ќе реализира бројни активности насочени кон воведување иновативни технологии во земјоделството, развој на нови дигитални вештини и создавање одржливи решенија што ќе придонесат за поконкурентен и поотпорен земјоделски сектор во Европа.
















